КОН ЈУБИЛЕЈОТ 40 години УКЛО

26.04.2019

Во чест на  јубилејот 40 години УКЛО, во Народниот театар во Битола, на 25 април се одржа Академија, со која, на еден несекојдневен и инвентивен начин достоинствено е одбележан големиот настан.

Низ уметнички перформанс креиран од режисерот Јован Ристовски, промовирано е корпоративно видео за УКЛО, по што доживувањето е заокружено со звучните слики од Влатко Стефановски.

Во инспиративната реч, ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски ги поврза историјата, сегашноста и визијата за новото утре на УКЛО.  Тој ја нагласи потребата за едуцирање студенти со развиен хуманизам, критички дух, и интелектуално љубопитство, добри луѓе способни да ги разберат и прифатат различностите, есенцијалниот услов за демократијата, социјалната правда, мирољубивиот дијалог помеѓу културите и религиите, на национално но и интернационално ниво.

Претходно, во рамките на одблежувањето на јубилејот отворена е ретроспективна изложба со фотографии и артефакти  кои сликовито говорат  за развојниот пат и актуелниот миг од дејствувањето на УКЛО.

На јубилејната Академија присуствуваа бројни гости и делегации од други универзитети од земјата и странство и други високи претставници од јавниот и академскиот живот на кои им се доделени пригодни плакети.

По повод чествувањето на јубилејот 40 години УКЛО, на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола 25 април, ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски и неговата колешка, проф. д-р Нермина Хаџиграхиќ од Универзитетот во Тузла потпишаа Меморандум за соработка.

Во духот на одбележување на јубилејот, УКЛО ќе реализира и други манифестации и настани.


Scroll to Top