НА УКЛО ЗАПОЧНА АКАДЕМСКАТА 2019/2020

01.10.2019
Централната академска свеченост за Првиот академски час УКЛО ја одржа на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола. Покрај ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски, на настанот присуствуваше и заменик министерот за образование и наука, Елизабета Наумовска. Промовирајќи ги новите мерки на МОН за стипендирање на студенти на наставните факултети, таа ги посочи заложбите и стопанството да ги препознава потребните кадри и да учествува во заложбите за стекнување уште поголеми знаења и компетенции.
Во срдечното добредојде за студентите, ректорот Коруновски порача дека секоја академска година е нова можност за одредени промени и подобрувања на Универзитетот и дека приоритет на Универзитетот е интензивирање на активностите за подобрување на квалитетот во сите академски домени, во насока на обезбедување повисок степен на интегрирање во европскиот високообразовен и научно-истражувачки простор.
Oзначувањето на академскиот почеток на ФИКТ не е случаен. Деканот, проф. д-р Игор Неделковски истакна дека наставата на оваа единица на УКЛО започнува да се одвива во нова современа зграда, со нова опрема и современа компјутерска лабораторија. Воедно, ФИКТ годинава започнува со реализација на нови наставни планови во согласност со потребите на локалната ИТ-индустрија, но и светските трендови на ИТ-образованието.
Првиот академски час за новата генерација студенти на сите единици на УКЛО започна на 1 октомври 2019 година со доделување на индексите и 110 уписнини за најдоброрангираните, или по 10 најдобри студенти на секоја единица.